Ракометната федерација на Македонија денеска соопшти за казната исклучување од сите структури на федерација изречена против Марјан Начевски, по обвинение за вербални навреди. Поранешниот генерален секретар на РФМ, кој остро ги демантира обвиненијата.

Начевски за „Спорт 1“ вели дека се чувствува како жртва прво на Мирјета Бајрамовска, поранешната репрезентативка, од која е поднесена пријавата до дисциплинската комисија, а потоа и на комисијата која заседавала на 7 мај.

Јас сум запрепастен и зачуден од целиот развој на оваа ситуација. Марјан Начевски да биде жртва на Мирјета Бајрамовска и зошто? Поради еден разговор и тоа и пак во интерес на ракометот, не за нешто друго, вели Начевски.

Обвинението за Начевски потекнува од натпреварот Македонија – Романија, кој на 21 април се одигра во „Јане Сандански“. Тогаш дошло до вербален дуел, за кој во обвинението пишува дека „содржел вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап, на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација“.

Има сведоци кои присуствуваа и кои слушнаа дали имало навреди или закани од моја страна, дали сум навредувал федерација или држава. Па јас со чест стојам покрај тоа знаме цел мој живот додека ја претставувам оваа држава. Јас ли да навредувам?. Тоа беше еден обичен разговор во кој јас точно, упатив критика дека сме уште далеку од големите првенства и дадов предлог што треба да се преземе за да ја подобриме репрезентацијата, раскажува Начевски.

Вели и дека самото сослушување од дисциплинската комисија на 7 мај не бил регуларен.

На сослушувањето јас побарав да ми биде доставено обвинението, да видам зошто сум повикан, да го видам случајот и да можам да подготвам одбрана со адвокат. Такво нешто не добив. А да не зборуваме за тоа дека на седницата не беше присутен генералниот секретар на РФМ или негов заменик, како што бара статутот. Зошто немаше сведоци, соочување со Мирјета, доказ дека таа е член на управниот одбор на РФМ и дека на натпреварот била во таа функција? Само ми побараа изјава, а за што да дадам изјава, кога не ми го доставија предметот? Па уште имаат дрскост да кажат дека сум се заканувал дека ќе сум го колел….Тие мене не ми се ни легитимираа, од каде да знам дека се членови на дисциплинската комисија, ја кажува својата страна од случајот Начевски.

На крај, вели дека сето ова е престрога одлука и дека е обид за негово местење, од причина што веќе некое време водел кампања против генералниот секретар на РФМ.

Знаете што, ова го нема никаде, за вербален дуел да бидете доживотно суспендиран од федерација. Од федерацијата, што на свои плеќи ја одржував со години, како еден од малкуте спонзори, кога буџетот беше мизерен во споредба со сега. Во статутот на РФМ и во тој член што го пишува во извештајот на дисциплинската комисија никаде не е предвидено дека поради вербален дуел може некој да се казни со доживотна суспензија. Луѓето ме прашуваат да не сум местел натпревари, резултати, да не сум земал мито, бидејќи само такви дела се казнуваат со ваква суспензија, а не вербален деликт. Ова е местење, затоа што отворено водам кампања дека актуелниот генерален секретар не смее да врши таа функција, се коси со законот за спорт, додава Начевски.

За крај вели дека нема да застане и дека ќе ја обжали одлуката до сите можни инстанци.

Секако дека ќе се жалам до второстепената комисија, а случајот ќе го однесам и на граѓански суд, ќе поднесам тужба против Бајрамовска. Ќе се жалам и до судовите на ЕХФ и на ИХФ, ќе го однесам случајот до арбитражниот трибунал ако треба, најави Начевски.

Марјан Начевски долги години е дел од раководните структури на федерација и на други спортски организации во земјава. Тој е долгогодишен поранешен генерален секретар на РФМ, своевремено најдобар македонски меѓународен судија со повеќе од 500 меѓународни натпревари и уште толку како делегат меѓу кои дваесетина финалиња и две полуфинални средби и мало финале на Олимписки игри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.