По денешниот пораз од Исланд со 22-24, македонскиот ракометар, Дејан Манасков изјави дека младите македонски играчи треба да созреат за да не се повторуваат грешките од тековниот Мундијал.

Одигравме добро прво полувреме, имавме предност од два гола. Во второто започнавме со „7 на 6“, но едноставно не ни одеше, ја затворија средината и пивотите. Мислам дека правевме непотребни фаули и имавме некои шутеви од неизградени позиции и Исланд не казни. Мислам дека донекаде ова е реалноста во моментов за оваа репрезентација. Одиме со главата горе во Келн да одиграме уште два натпревари, изјави крилото по мечот во микс-зоната.

Тој додаде дека младите играчи во репрезентацијата треба да созреат за во иднина да не се повторуваат грешки како на овој Мундијал. Во однос на тоа дали доаѓаат потешки времиња за ракометната репрезентација, Манасков не исклучи таква можност.

Има неколку играчи кои се при крај со своите кариери, но ќе работиме на тоа да не не снајде нешто слично и да го задржиме континуитето, вели Манасков.

Македонија во сабота во 13 часот ќе игра со селекцијата на Русија, која го освои четвртото место во групата „А“. Нашиот тим ќе игра во Келн за пласман од 13. до 16. место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.