Македонија загуби од Исланд и го освои четвртото место во групата во Минхен, што значи нема да продолжиме во главната фаза, туку ќе се бориме за пласман од 13. до 16. место на СП. Избраниците на Раул Гонзалез одиграа солиден натпревар, особено во првиот дел, но Исланѓаните беа поконцентрирани и го искористија падот од десетина минути во вториот дел, за да го решат мечот во своја полза, со конечни 24-22.

Проблемите почнаа да се насетуваат на стартот од второто полувреме, кога комбинациите во нашиот напад престанаа да даваат резултат. Девет минути немавме постигнато гол, кога во 45. минута Исланѓаните погодија за позитива 18-16. Очигледно беше дека нешто мора да се менува, па Раул се откажа од тактиката „7 на 6“. Сепак, до крајот успеавме само да се доближиме на минус еден гол, за на крајот мечот сепак да заврши со плус два за „рибарите“.

Дејан Манасков и Кире Лазаров со по пет голови беа најефикасни во репрезентацијата на Македонија. Борко Ристовски имаше солидна партија со 12 интервенции.

Остануваат уште два натпревари за македонската репрезентација, сега ќе разигруваме за од 13 до 16 позиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.