Со денешниот пораз од Исланд (24-22) во одлучувачкиот меч, дефинитивно згаснаа надежите дека македонската ракометна репрезентација ќе ја гледаме и во втората рунда на Светското првенство во Германија и Данска.

Разочарувањето беше очигледно на лицата на нашите ракометари, но сепак со оптимистичка изјава излезе капитенот Кирил Лазаров кој одлучи да застане во одбрана на младите играчи, но и зад селекторот Раул Гонзалес.

Мислам дека загубивме од еден силен Исланд, ова беше квалитетен противник и не се посрамотивме. Не се посрамотивме на ниту еден од петте одиграни меча, го дадовме максимумот. Немавме среќа уште при ждрепката, дури и да поминевме, ќе налетавме на Франција, Германија и Бразил. Силно посакувавме да се најдеме во втората фаза, но уште пред турнирот, јас изјавив дека ќе биде светско чудо да се најдеме во следната рунда.

Имаме смена на генерации, млади деца влетаа во нашата репрезентација и промените одат секогаш бавно. Ова е Светско првенство, може да добиете два меча на искуство, но како што одминуваат деновите, се губи енергијата и не успеавме да го оствариме тоа што сакавме. Дојдовме со „детска градинка“, но за младите играчи имам само позитивни коментари. Уште претходено реков дека гледам огромен потенцијал кај нив, мора да се однесуваме добро кон нив, да ги охрабриме. И јас сум бил млад, не е лесно да се игра на големи натпреварувања, сум грешел и така собрав огромно искуство. Имав неуспешни натпревари за да стигнам до тоа денеска. Мора да се охрабрат, да им дадеме ветер во грб, гарантирам дека ако продолжиме со ваква работа, македонските фанови нема зошто да се грижат, порача Лазаров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.