По двата тешки порази на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Египет и утрешниот натпревар против Чиле, капитенот Кире Лазаров е свесен дека играта мора да биде подобра .

Лазаров истакна дека очекува токму против Чилеанците нашите репрезентативци да ги покажат своите вистински перформанси.

Во овој момент не можам да кажам што ќе се случи со мене, сакам да земам време за донесување на одлуки, но дојдов тука во Египет да им помогнам на репрезентативните колеги, бидејќи имаме млад тим и ќе го дадам максимумот од моја страна да им помогнам. Нашата цел е да одиме во вториот круг и имаме решавачки меч со Чиле, тоа е шанса за нас. Засега не сме задоволни од настапите, загубивме со голема разлика од Шведска и Египет. Не бевме на потребното ниво и губиме со 18-19 голови разлика, тоа не е добро за нас – вели Лазаров.

Нашиот најискусен репрезентативец вели дека е задоволен што повторно настапува во Египет, каде што го имаше своето деби на едно Светско првенство.

Среќен што сум повторно во Египет, горд и среќен да бидам со мојата репрезентација во оваа земја. Да се биде на Светско првенство, тоа за мене е вторпат, првиот пат беше во 1999 година. Знам дека Египет е ракометна земја, има традиција и финансиски се вложува многу во овој спорт. Знам дека очекуваат големи нешта и се на вистинскиот пат. Египет има и добар селектор, Роберто Парондо со кој бев тимски соиграч во Сиудад Реал, моментно еден од најдобрите тренери. Имаат добри играчи, земјата живее за ракометот, навивачите го сакаат ракометот и тоа е најважното – вели Лазаров.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.