Македонската ракометна репрезентација целосно е насочена кон натпреварот од второто коло на Европското првенство во Унгарија и Словачка што го играме против Црна Гора во сабота со почеток од 18 часот.

Селекторот Кире Лазаров на прес-конференција најави дека „црвено-жолтите“ ги очекува уште еден тежок натпревар, но изрази уверување дека македонските ракометари можат да дојдат до победа доколку не ги повторат техничките грешки од дуелот со Словенија.

Во ниту еден случај не сакам да ја потценам Црна Гора. Напротив, имаат добри индивидуалци, дури можеби и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме поквалитетни како колектив. Дополнително ќе ја анализираме нивната игра и во овој момент не би сакал да ги отворам картите – изјави Лазаров.

Нашиот селектор вели дека од нашите ракометари зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не.

Во секој случај, не треба да се оптоваруваме со противниците, туку да се концентрираме на себеси. Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не. Противниците ќе бидат само посилни, бидејќи сите во Европа работат квалитетно. Фокус и концентрација е првото нешто што го барам од играчите. Ме водат и мене емоциите, но имавме премногу индивидуални грешки во краток период против Словенија. Ќе им го пренесам ова на моите играчи на еден позитивен начин и тие треба тоа да си го стават во глава за идните натпревари – додава Лазаров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.