Познат е и распоредот на натпреварите на ракометниот клуб Металург во групната фаза од второто по квалитет ракометно натпреварување – Лигата на Европа. Тимот на Зоран Кастратовиќ почнува со гостување кај екипата на Тулуз, а во второто коло во Скопје ја пречекува екипата на Висла Плоцк.

Од клубот велат дека се задоволни од изборот на противниците.

Тренерот Зоран Кастратовиќ е претпазлив, но и убеден дека во оваа група Металург ќе има што да каже.

Генерално, во оваа фаза од натпреварувањето нема слаби екипи и не очекуваат тешки натпревари. Дури четири од шесте екипи во групата, вклучувајќи го и Металург, имаат солидно искуство од настапи во Лигата на шампионите, а на некои од нив веројатно и сега им е местото таму. Сепак, сметам дека имаме противници со кои ќе можеме да се натпреваруваме и ќе имаме што да кажеме на тие средби. Многу е важно сега да го искористиме времето и да ја подигнеме формата. Мислам дека ќе успееме во тоа и ќе се претставиме во многу подобро издание од досегашното, рече Кастратовиќ. 

Тимот од Автокоманда по две средби ќе одигра во октомври, во ноември и во декември, додека последните четири натпревари на програмата се во февруари и во март следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.