Никола Митревски ја имаше партијата на својата кариера во дресот на македонската ракометна репрезентација, но за жал соиграчите не ја искористија шансата и со многу грешки ѝ го предадоа мечот на силната Шпанија.

Европскиот шампион немаше лек за Митревски, кој со 11 успешни одбрани во првото полувреме ги полуде Шпанците. Затоа е и најразочаран од тешкиот пораз со оглед на тоа што партијата за паметење ќе му остане во лошо сеќавање.

Поразот од 32:21 е одраз на катастрофалното второ полувреме во кое примивме дури 19 голови, а Митревски како најдобар поединец во нашиот состав ги опомена младите играчи кои добија шанса за докажување.

Ова беше натпревар за самите нас, почнавме одлично, игравме добро во напад и одбрана, а после 20-та минута почнавме да грешиме во нападот. На крајот тие дадоа гол за водство, а во второ полувреме почнавме катастрофално и така продолживме до крајот. Изгубивме многу топки, премногу лесно се предадовме, втората постава, младите играчи изненадувачки влегоа незаинтересирано, како се да е загубено, иако имаше уште 25 минути за игра. Поради тоа претрпевме тежок пораз. Утре да го дадеме максимумот. Само паметно и со трпение. Без нервоза и избрзани потези во нападот. Тешко е цел меч да одиграме без грешки, но кога ќе го правиме тоа, треба да го избереме вистинскиот момент. Се надевам дека ќе го добиеме утрешниот меч, тоа е финале за нас – заврши македонскиот голман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.