Во премиерниот натпревар на Светското ракометно првенство репрезентацијата на Франција вечерва во рамки на групата Б во Катовице со 26-24 (14-13) ја совлада Полска, која заедно со Шведска е домаќин на завршниот турнир.

Двете репрезентации се менуваа во водство до средина на првото полувреме кога актуелниот олимписки првак Франција при резултат 8-8 нанижа четири голови во серија и стекна предност од четири голови. Со поддршка од домашната публика Полска успеа да ги консолидира редовите во продолжението и на полувреме да замине со гол негатива.

Кодомаќинот на Светското првенство во вториот дел неколку пати го израмнуваше резултатот, последен пат на десет минути пред крајот (21-21), но Франција повторно влезе во серија и со три последователни голови стекна недостижна предност.

Утре на програмата се натпреварите Чиле – Иран, Јужна Кореја – Унгарија, Саудиска Арабија – Словенија, Зеленортски Острови – Уругвај, сите со почеток од 18 часот, додека од 20:30 часот ќе играат Исланд – Португалија, Шпанија – Црна Гора и Шведска – Бразил.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.