На еден ден до почетокот на осминафиналето во ракометната Лига на шампионите, ЕХФ објави уште едно рангирање на десетте најдобри екипи досега сезонава. Вардар падна уште едно место од претходниот топ-10 и се наоѓа на шестото место.

Иако во четирите натпревари од пролетната полусезона во Лигата на шампионите Вардар победи трипати, а загуби само еднаш (дома од Веспрем), тоа не беше доволно Вардар ни да го задржи претходното петто место. Сега пред него е Фленсбург на петтото и Веспрем на четвртото место, а првата тројка и понатаму е во ист состав: ПСЖ, Барселона, Пик Сегед.

Она што паѓа во очи на црно-црвените навивачи е дека Пик Сегед и понатаму е во првата четворка, односно екипите, кои според ова рангирање заслужуваат место на Ф4-турнирот. Пик Сегед е потенцијалниот противник на Вардар на последното скалило до Келн, така што излегува дека македонскиот тим ќе влезе како аутсајдер во тој дуел.

Точно е дека ова рангирање е само субјективна констатација на еден експертски тим на ЕХФ, врз основа на формата во последните неколку натпревари, но во нив Вардар има три победи и еден пораз, а Пик Сегед две победи, пораз и реми. Дури и не е толку голема разликата во ефектот на двете екипи на конечните табели. Вардар е трет во групата А со скор 9-1-4 и 19 бода, Пик Сегед втор во групата Б со 9-2-3 и 20 бода.

Сепак, за воопшто да дојде до дуелот со Пик Сегед, Вардар прво треба да го мине Загреб. Првиот меч се игра в сабота во Хрватска, реваншот на 30 март во „Јане Сандански“.

Извор: Спорт1.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.