Актуелниот селектор на Хрватска и екс-кормилар на Металург и на Македонија, Лино Червар после триумфот на „каубоите“ против Ангола со 28-20 за прва победа на Светското првенство во Египет, порача дека ваков шампионат не смее да се повтори.

Червар изрази огромно незадоволство уште по доаѓањето на Хрватска во Египет, па сега и покрај триумфот го повтори истото, дека првенството е наопаку, дека вистинскиот квалитет нема да се види на овој Мундијал, туку на Летните Олимписки игри во Токио.

„На ова првенство има две врсти на репрезентации, тие кои беа во изолација и тие што не беа во изолација и цела година си тренираа. Затоа ние имаме проблем со физичката подготовка. Не сме топ подготвени. Русите и Словенците летаат по теренот, зашто нивните првенства ги играат, а ние – не! Да не се повтори вакво првенство“, рече Червар

„Малку време што имаме го користиме да се подготвиме за следниот меч, а имаме и падови и успони, но покажуваме желба. Хрватска покажа која е во Стокхолм и во Австрија, а ова е – супа. ИХФ направи голема работа што собра 32 репрезентации и им праќа порака на луѓето дека мора да се продолжи понатаму. Колку е тука квалитет, кога репрезентации дознаваат дека ќе учествуваат на два дена и бараат авиони на 20 часа пред првенството за од Европа да дојдат во Египет. Вистинскиот квалитет ќе се види во Токио“, додаде Червар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.