По само две одиграни кола од новото ракометно првенство се појавија првите проблеми поврзани со пандемијата со коронавирусот, откако новиот суперлигаш Голден Арт КЛ7 информира за дури 16 позитивни теста, откриени на тестирањето по мечот со Радовиш одигран во понеделникот.

Кај дел од играчите од овој клуб се појавиле симптоми карактеристични за вирусот Ковид19 како зголемена телесна температура, губење на вкус и мирис, поради што управата решила веднаш сите да се тестираат по одиграниот дуел од второто коло.

„Според прописите комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 дена. Би сакале да потсетиме дека пред стартот на подготовките, нашиот клуб беше еден од ретките клубови кои направи комплетно теститрање на играчкиот погон во првиот тим и младинските категории, како и на комплетниот стручен штаб и клубската логистика, при што навремено беа откриени два случаи позитивни на Ковид19 висрусот и истите беа изолирани и излечени. За крај, апелираме до сите клубови и целокупната јавност да се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, со една единствена цел, спречување на понатамошно ширење на вирусот Ковид19, велат од КЛ7.

Неофицијално, од вкупниот број позитивни на Ковид-19 во клубот, 13 се ракометари, а останатите тројца се од стручниот штаб и управата, објави „Спорт1“. Ова значи дека КЛ7 сигурно нема да го одигра утрешниот дуел против Пролет, а најверојатно ќе им бидат одложени и средбите во следните неколку рунди, сѐ додека не се среди големиот проблем со вирусот што се појави во овој суперлигаш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.