Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац го објави списокот за настап на Светското првенство во Египет кое стартува утре. Предводникот на нашиот најдобар национален тим го почна процесот на подмладување, шанса ќе им даде на помладите ракометари.

Она што „падна во очи“ е Дејан Манасков. Членот на Веспрем нема да патува за Египет, барем засега, договорот е да биде на „готовс“ доколку му биде потребен на Брестовац за вториот дел на Мундијалот. Меѓу патниците го нема ниту Бојан Маџовски, кој пак на дуелот со Чиле се здобил со скршеница на раката.

„Манасков не е избришан. Тој може да се приклучи нешто подоцна на Светското првенство доколку навистина има потреба за тоа“, ни изјави Брестовац.

За Маџовски посочи:

„Ме потресе целата ситуација со Маџовски, кој за жал се повреди. Одлично се вклопуваше во моите планови и во нападот и во одбраната, има поголемо искуство од останатите играчи. Му посакувам побрзо да се опорави и да се врати на терените“.

Македонија утре со чартер лет попладне ќе замина за Египет, веќе во четврток ја игра првата средба, за противник ја имаме селекцијата на Шведска.

Извор: СпортМедиа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.