Борко Ристовски го мина на клупа цел натпревар против Шпанија и можеше да биде презадоволен од тоа како беше заменет од страна на инспирираниот Никола Митревски, но затоа нашиот прв голман можеше во неколку наврати да се забележи во бесно издание во вториот дел, или поточно како им вика на младите играчи кои добија шанса во второто полувреме.

Ристовски веќе во неколку наврати досега ги донесе во прашање квалитетите на младите играчи кои во иднина треба да ја носат репрезентацијата, но сега буквално ги „изгоре“ по тешкиот пораз од Шпанија, односно по хорор изданието во второто полувреме кое „фуријата“ го доби со 19:9.

Сите видовте за каков натпревар станува збор. Видовме како одговорија младите играчи кои добија шанса во вториот дел. Секој може да направи грешка, ракометот е таква игра, но да не видите борба, жар и да не влезете во ниту еден дуел во второто полувреме е навистина разочарувачки. Ние градиме имиџ веќе десетина години наназад во репрезентацијата, затоа младите играчи треба да стават прст на чело и да размислат што во иднина. Ова е премалку за она што сме го граделе како репрезентација, ако вака настапуваат во иднина, не верувам дека ќе имаат некој поголем успех. Не треба да се гледа премногу трагично на овој пораз, стануваше збор за Шпанија, но тешкиот пораз пристигна поради грешките, поради тоа што не покажаа никаква желба за надигрување. Ова е поука за сите, за нас, за стручниот штаб, за вас новинарите. Очигледно е дека не се созреани, не треба да се фрла со дрва и камења по нив, но ние сакаме да продолжи трендот и реномето кое го градевме. Не чека голем меч, главата горе и да пробаме да го победиме Исланд, – порача Ристовски пред новинарите во Минхен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.