Пред полни трибини во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје на 3 јануари (19.00 часот) ќе се организира „Мечот на деценијата“.

Како што информира Ракометната федерација на Македонија (РФМ) билетите за овој спектакл се распродадени:

Официјално: билетите за хуманитарниот ракометно музички настан се распродадени. ВИ БЛАГОДАРИМЕ ЗА ХУМАНОСТА – стои во објавата на РФМ.

Не го пропуштајте спектакуларниот ракометен меч помеѓу актуелните и поранешните ракометни репрезентативци проследен со трето, музичко полувреме на кое ќе настапат Дац и Александар, Кики, Некст тајм и Меморија. Водител на настанот е Сашко Коцев.

Спортските сили ќе ги одмерат ракометните ветерани и актуелните репрезентативци на ревијален, пријателски натпревар.

Приходите од продажбата на билетите, Ракометната федерација на Македонија ќе ги донира на „СОС Детско село“ од Скопје, која организација во моментов поддржува повеќе од 394 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Повеќе од 20 години СОС Детско село функционира на принцип на донации, благодарение на кои се грижи за децата кои се под нивна надлежност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.