Македонскиот автомобилист Ристо Вуков од следната година ќе настапува во највисокото по ранг светско натпреварување од ГТ трките, Порше Суперкуп.

Вуков минатите три сезони ги мина како возач во Порше Карера Куп Италија, каде што се етаблираше како возач кој континуирано освојуваше поени и беше рамо до рамо со оние кои имаат поголеми можности за тестирање и учење на патеките.

Денеска во Скопје, Вуков одржа прес конференција за македонските медиуми и ги објави своите планови за 2023 година.

Трките од Порше Суперкуп се олицетворение за едно врвно натпреварување. Јас отсекогаш сум сонувал за Формула 1, а овие трки се возат заедно со нивните, веќе три децении. Многу познати возачи минале низ ова натпреварување и за мене е голема чест што сум прифатен да бидам дел од светскиот куп, бидејќи во него бројот на учесници е лимитиран. Соништата се остваруваат и се надевам дека заедно со новиот тим ќе успееме да постигнеме уште подобри резултати,- изјави Вуков.

Во календарот за 2023 година предвидени се осум трки, при што сезоната почнува на 21 мај во Имола, а завршува на 3 септемрви во Монца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.