Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја коментираше пресудата на австралискиот суд со која Новак Ѓоковиќ ќе биде депортиран од земјата и нема да ја брани титулата на Австралија опен.

– Пред малку разговарав со Новак, го охрабрив и му кажав дека едвај чекам да дојде во Србија и да се врати во својата земја и да биде таму каде што е секогаш добредојден. Го малтретираа 11 дена и по 11 дена му изрекоа пресуда која ја донеле првиот ден. Видовте во најбесмислениот судски процес колку лаже обвинителот. Едноставно лажат. Велат дека помалку од 50 отсто од има вакцинирани граѓани во Србија, а официјално се 58 отсто. Запомнете дека ова е повеќе отколку во многу земји на ЕУ. Тоа беше бесмислен аргумент, но тоа е можно во драмите на Орвел – рече Вучиќ.

Тој нагласи дека наскоро во Србија ќе дојдат спортисти од Австралија, кои ќе бидат подобро пречекани.

– Австралиските спортисти ќе ги пречекаме на многу подобар начин во март и нема да живееме од нив заради изборите. Тие доаѓаат на шампионатот во атлетика, а ние ќе покажеме дека сме подобри од австралиската влада. Мислат дека го понижиле Ѓоковиќ, но се понижиле себеси, а тој може да се врати во својата земја и да ги гледа сите во очи со крената глава – додаде Вучиќ.

Вучиќ ја повтори изјавата и на англиски јазик, на барање на новинарите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.