Македонските одбојкари со два порази го завршија пријателскиот двомеч на гостински терен против Србија, откако вечерва загубија со идентични 3:1, како и на вчерашната прва пресметка против европскиот првак во Врњачка Бања.

Србија, која вечерва настапи со Б-тимот, ги реши во своја корист воведните два сета (25:17, 28:26), по што избраниците на македонскиот селектор Никола Матијашевиќ внесоа резултатска неизвесност во мечот добивајќи го третиот сет 25:23. Сепак, српските одбојкари со идентичен резултат го освоија четвртиот сет за конечен триумф од 3:1.

„Имавме само осумдневни тренинзи, нозете се уште се тешки, но нашата цел е да бидеме во полна сила на завршниот турнир на 5 на 6 јуни. Задоволен сум што во овие два дена игравме со толку квалитетна репрезентација како Србија, затоа што само со вакви натпревари можеме да напредуваме на ниво за да обезбедиме осминафинале на ЕП 2021“ – изјави капитенот на македонската селекција, Никола Ѓорѓиев.

Двата натпревари против Србија за македонските одбојкари беа завршни проверки пред настапот во групната фаза во Европската сребрена лига, од 21 до 23 мај во Струмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.