Македонската репрезентација нема да игра во осминафиналто на Европското првнство во одбојка, откако синоќа Финска ја совлада Турција со 3-2 (25-20, 15-25, 18-25, 25-23, 15-12). На Македонија ѝ беше неопходна било каква победа на Турција за да биде четврта на табелата од шесте репрезентации во групата кои одат понатаму.

Турците и Финците синоќа го постигнаа единствениот резултат што им одговараше на двете репрезентации. На Финците им беше неопходна победа за осминафинале. Турците, пак, и со пораз веќе имаа обезбедено осминафинале, само што со евентуален пораз од 1-3 или 0-3 од Финска ќе ѝ го препуштеа третото место на скандинавската репрезентација. Вака, и Турција остана трета и Финска отиде во осминафинале. Но, често е така кога други ти ја кројат судбината.

Македонија настапи на своето прво европско првенство и не разочара. Првите три меча ги загубивме од Финска, Турција и од Русија, а потоа дојдоа и двете победи против Белорусија и домашната Словенија. Формата одеше во нагорна линија и штета е што не видовме дали ќе продолжеше и до каде можеше да оди тој прогрес во осминафиналниот натпревар со Франција што ќе го игравме ако синоќа Турција ја победеше Финска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.