Одбојкарската репрезентација на Србија се круниса во нов европски првак затоа што во финалето беше подобра од Словенија со 3-1 во сетови (19-25, 25-16, 25-18, 25-20).

Нашиот сосед до големата победа и златото дојде со пресврт, затоа што првиот сет го загуби, а потоа почна да игра перфектно и да не дозволи ниту еднаш противникот да ја пројде границата од 20 освоени поени во сет.

Атанасијевиќ со 22 и Ковачевиќ со 20 поени беа најистакнати поединеци на овој завршен меч на шампионатот. За репрезентацијата на Србија ова е трета европска титула, а 11-ти медал. Словенците вторпат во историјата се сребрени на Европските првенства.

За Србите ова е „двојна круна“ во одбојка, затоа што претходно, дамите успеаја да станат европски шампиони, со драматична победа во финале против домаќинот Турција (3-2 во сетови, (21-25, 25-21, 25-21, 22-25, 15-13).

За машкиот одбојкарски тим на Србија, ова е трето европско злато, по победите на ЕП 2011 и ЕП 2001.

Бронзениот медал го освои Полска со вчерашната победа во три сета против домаќинот на финалниот турнир Франција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.