Сојузот на спортови на Скопје по повод денот на ослободување на Скопје, „13 Ноември“, ги додели наградите за најуспешните спортисти за оваа година. Наградите „13 Ноември“ се врачија во следните категории: спортист, спортски работник, спортски работник за животно дело, спортски клуб, спортски подвиг, општественик со посебни заслуги за развој на спортот, спортски новинар, спортски педагог и спортски лекар.

За Спортист од светска категорија беше избран членот на Карате клубот Металург од Скопје, Петар Спасеновски, кој го освои третото место на Европското првенство во Газијантеп, Турција во категорија до 84 килограми.

Наградата за најдобар Спортски работник му беше доделена на Александар Милојевиќ, меѓународен кошаркарски судија со одсудени над 500 меѓународни натпревари, 4 Европски првенства, полуфинале на женската Евролига и 3 пати полуфинале на Балканската лига. 15 пати прогласен за најдобар судија на Македонија, моментално е комесар и контролор на натпреварите на КФСМ и член е на судиската комисија на АБА лига.

Димче Јанковски, активен карате тренер во Карате клубот Аеродром Скопје, ја доби наградата за Спортски работник за животно дело. Јанковски е активен каратист и тренер над 55 години, член и еден од основачите на Карате федерацијата со бројни функции 50 години и издадени 4 книги за карате.

Наградата за Општественик со посебни заслуги за развој на спортот му беше доделена на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за личен придонес, поддршка и помош на организацијата на Виз Ер Скопски маратон.

За Спортски новинар беше избран Милорад Стојмановски, кој во новинарството е 3 децении, главно во печатените медиуми. Својата кариера ја започнал во весникот „Вечер“, потоа бил уредник во магазинот „Скок“ како и дел од основачката група на весникот „Дневник“. Моментално работи во дневниот весник „Слободен Печат“. Известувач од Олимписките игри во Атина, како и поголем број на Светски и Европски првенства во фудбал и кошарка.

Катерина Шиповиќ, ултра маратонка, првата македонска атлетичарка која на Спартатлон во Грција истрча 256 километри од Атина до Спарта ја доби наградата за Спортски подвиг. Од 360 натпреварувачи на стратот, трката ја завршија 182 учесника, каде во женска кункуренција од 40 натпреварувачки, Катерина го освојува 19то место. Воедно Катерина е и државен првак со истрчани 180 километри за 24 часа.

Наградата за Спортски лекар му беше доделена на Др. Небојша Настов, хирург трауматолог во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје. Од 2009 година станува лекар на машката ракометна репрезентација и продолжува како тимски доктор и консултант во спортските клубови. Последните 2 години е дел од медицинскиот тим на машката сениорска репрезентација и ракометниот клуб Вардар 1961. Претседател е на здравствената комисија на Македонскиот Олимписки Комитет, а воедно е и член на здравствената и антидопинг комисија на Европскиот Олимписки Комитет.

За најдобар Спортски клуб во 2022 година беше избран Карате клубот Металург Скопје, кој освои 2 златни и еден бронзен медал на Европската Универзијада, 2 среберени и 1 бронзен медал на Светската Универзијада, бронзен медал на Европското првенство за сениори, 2 сребра на Светското првенство за помлади сениори, 12 медали на Балканското првенство и над 50 медали на меѓународните турнири.

Наградите за Спортски педагог им беа доделени на професорите по физичко образование, спорт и здравје Вјенцеслав Рангелов и Зоран Наков. Рангелов кој е професор во СУГС „Никола Карев“ учествуваше со машките и женските кошаркарски екипи на општински, градски и државни натпревари, како и настапи на атлетичари на ваквиот ранг на натпреварувања. Наков професор во ООУ „Димитар Поп Георгиев- Беровски“ од Скопје подготовка и учество на женски и машки ракометен тим, женски футсал тим, гимнастичари и атлетичари во машка и женска конкуренција на градски и државни натпревари.

„Сакам да им честитам на сите кои ја добија оваа награда која е од големо значење за нашиот град и им посакувам повисоки резултати понатаму ви нивните кариери. Се надевам дека наредната година ќе имаме многу повеќе и поголеми достигнувања на спортско поле. Ние ќе продолжиме во уште поголемо темпо да се залагаме за спортот во Скопје и Македонија“, изјави Тања Панделеска потпретседателката на Сојузот на Спортови на Скопје.

Сојузот на Спортови на Скопје ги доделува наградите за „13 Ноември“, денот на ослободување на Скопје, повеќе од 50 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.