Отсуството на квалитетни натпреварувачи, особено во женска конкуренција, немањето првенства, блокирањето на конкуренцијата и трошењето четвртина милион евра секоја година без видливи резултати од работата, се причините поради кои луѓето од најстариот скијачки клуб кај нас, тетовски „Љуботен“, бараат итна оставка од раководството на Скијачката федерација на Македонија (СФМ).

Во своето директно обраќање до нив со отворено писмо објавено на социјалните мрежи, тетовци изнесуваат сериозни обвинувања и со тешки зборови удираат по луѓето кои се одговорни за македонското скијање. Нивното писмо го објавуваме во целост.

Време е! Да си поднесете сите до еден оставка и да дозволите да процвета скијањето во Mакедонија! Затоа што ги уништивте клубовите, немате сeлекции, немате тренери, немате ски-инструктори, немате календар на натпревари, немате натпревари, немате државни првенства, немате државни прваци.

И за сето ова трошите по 250.000 евра годишно народни пари! Целосно ја приватизиравте федерацијата, со народни пари! И ако пројави некој интерес да организира натпревар, може само како промотивен. СФМ нема календар, нема технички делегати.

А кога најстариот клуб во Македонија (од 1929 година) организира отворено државно првенство и тоа го промовира како детски Шарпланински куп – не може, не бил член на СФМ (по кој член од статутот?!).

Замислете, на клубот кој стоел зад сите шарпланински купови од 1947 па наваму, кој ја дал најголемата скијачка легенда на сите времиња, Рефик Јаја, не му го признавате државното првенство, првиот детски Шарпланински куп, кое вие самите му го одобривте.

По толкување на насилниците во СФМ се поништува државното првенство, се лишуваат децата од титули државни прваци. Види разум и мудрост на СФМ. Брука голема

Комплетна оставка! Време е! Па да почне скијањето да се враќа таму каде што беше пред да го превземат скопјаниве. Со Пелистерски велеслалом, со Крушевските меморијали, со Шарпланински куп. Со луѓе кои го сакаат и знаат скијањето!

А не да се кријат во среда-четврток натпревари без никаде никого и без публика.

Кога сте пратиле детска и младинска селекција на ФИС-натпревар и Светско младинско првенство, се сеќавате ли? Каде ви се тренерите за деца, и младинци? Немате извадено скијачка со децении. Една даде Пелистер и толку.

Со една ластовичка нема пролет, драги мои. Не бива така мои скијачки функционери, раководство на СФМ. Чесно би било сите до еден да си поднесете оставка. Да процвета скијањето во Македонија, како што беше пред вас.

Време е!

А вие како пензионери, можете да скијате на скијачкиот центар Водно, за кого потрошивте неколку стотини илјади евра за проект. Изработете го ски-центарот па скијајте си таму, да не се малтретирате да идете за саат-два на Шапка, Маврово, Пелистер или Крушево…“, се вели во отвореното писмо на СК „Љуботен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.