Американската тенисерка Серена Вилијамс со солзи во очите се прости од публиката на УС Опен каде го одигра последниот меч во богатата 27-годишна кариера.

Вилијамс имаше добар натпревар, но сепак загуби од Хрватката Ајла Томљановиќ со 7:5, 6:7 (5), 6:1 во играта која траеше три часа и пет минути.

Сите 24.000 гледачи на стадионот „Артур Еш“ станаа од своите столчиња за да ѝ оддадат почит на Вилијамс, додека преку звучниците ечеше „Simply The Best“.

Вилијамс, која дојде на турнирот со само една победа во изминатите 15 месеци, поради што падна на 605. место на ВТА-листата, вели дека не би требало да се премисли околу пензионирањето по овој турнир.

Им благодарам на сите кои се тука, на сите кои ме поддржуваа сите овие години и децении. Но, сè почнува со моите родители. Тие заслужуваат сè. Исто така, не би била тука без мојата сестра Венус. Таа е единствената причина што Серена Вилијамс постоела, рече таа.

Вилијамс, која ќе наполни 41 година, останува на 23 освоени гренд слем титули, една помалку од рекордерката Маргарет Корт, но и покрај тоа, многумина ја сметаат за најдобрата тенисерка на сите времиња.

Вилијамс освои вкупно 73 титули во кариерата, од кои седум на Отвореното првенство на Австралија, три на Ролан Гарос, седум на Вимблдон и шест на Ју-Ес опен. На врвот на ВТА-листата помина вкупно 319 недели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.