Олимпискиот комитет на Русија соопшти дека наместо забранетата национална химна, на претстојните Олимписки игри во Токио сака да користи дел од композиција на еден од најголемите руски композитори, Петар Илич Чајковски.

Претседателот на Олимпискиот комитет на Русија, Станислав Поздњаков, истакна дека за тоа веќе разговарал со претставници на Меѓународниот олимписки комитет и се чека одобрување.

Тоа е втор предлог на Русите, откако претходно, Судот за спортска арбитража во Лозана и забрани на Русија да ја користи народната песна „Катјуша“ за олимписка химна со образложение дека олимпискиот тим „не може да користи ниту една химна поврзана со Русија“.

„Катјууша“ е руска народна песна која стекна голема популарност меѓу руското население за време на Втората светска војна, а поранешната Црвена армија го искористи истото име за легендарниот советски ракетен фрлач.

Спортскиот арбитражен суд со седиште во Лозана (ЦАС) во декември изрече забрана руските спортисти да користат државни обележја и интонирање на националната химна на големите меѓународни натпреварувања до 16 декември 2022 година, поради кршење на допинг регулативата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.