Вториот светски тенисер, Шпанецот Рафаел Надал, поради болки во грбот го откажа учеството на АТП турнирот од серијата 500 во Ротердам, што ќе се игра од 1 до 7 март.

Болките во грбот почнав да ги чувствувам уште на турнирот во Аделаида, а продолжија на Австралија Опен. Најдовме некое привремено решение во Мелбурн, но по враќањето во Шпанија бев на лекарски преглед и задно со мојот медицински тим одлучивме следната недела да паузирам од играње тенис. Навистина штета, бидејќи се радував на моето враќање во Ротердам и Холандија, бидејќи долго време немам играно таму – образложи Надал во официјалното соопштение.

Надал на Австралија Опен беше поразен во четвртфиналето во кое против Гркот Стефанос Циципас испушти водство од 2:0 во сетови, што на грен-слем турнирите му се случи само втор пат во кариерата.

Шпанскиот тенисер последен пат настапи на турнирот во Ротердам во 2009 година, кога во финалето загуби од Британецот Енди Мареј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.