Рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи им се на спортистите од неговата земја, порача дека Русија и Кина се против политизација на спортот и демонстративни бојкоти во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг.

САД се во групата на неколку земји кои се одлучија за т.н. дипломатски бојкот и нема да испраќаат политичари или други официјални државни претставници на ЗОИ следниот месец

Од друга страна, Путин најави дека планира да присуствува на Зимските олимписки игри и да се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Сметам дека основна цел на спортските натпревари е масовно популаризирање на спортот и зајакнување на пријателството меѓу народите. Овие пристапи ги споделуваат и организаторите на претстојните ЗОИ, нашите кинески пријатели. Заедно се бориме против политизирање на спортот и демонстративните бојкоти. Ние ги поддржуваме традиционалните олимписки вредности, пред сè, еднаквоста и правичноста – истакна Путин.

Наместо вообичаената церемонија во Москва пред заминувањето на руските тимови на Олимписки игри, Путин преку видео-линк им се обрати на спортистите собрани во тренинг центрите низ земјата.

Ве замолувам вас и сите ваши соиграчи ригорозно да ги почитувате сите барања на организацискиот одбор на Зимските олимписки игри и строго да се придржувате до сите медицински упатства – изјави шефот на руската држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.