Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје од 7 до 9 ноември ќе се одржи меѓународната боксерска манифестација, „Златен гонг“ на која свое присуство најавија осум држави. Ова ќе биде 49-то издание на престижното натпреварување кое прославува јубилеј 50 години од одржувањето на првиот турнир.

Јубилејот од половина век период од одржувањето на првата боксерска манифестација го става „Златен гонг“ на позиција на македонски спортски бренд, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека оваа манифестација дава посебен придонес во развој на македонскиот спорт благодарение на напорите на Боксерската федерација, но и благодарение на освојувачите на „Златниот гонг“ низ годините што изминаа, а кои боксуваа за нашата држава: Вели Мумин, Аце Русески, Мустафа Алија, Реџеп Реџеповски, Гоце Јаневски, Примислав Димовски.

Селекторот на македонската репрезентација Хесус Сојет рече дека неговите избраници се добро подготвени и дека очекува тие да прикажат добри борби и да се закитат со медал.

Четвртфиналните мечеви се закажани за утре (7 ноември) со почеток во 16 часот. Полуфиналето е в петок од 17 часот, додека финалните борби ќе се одржат в сабота со почеток во 15 часот. зс/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.