Денис Шаповалов го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Австралија опен, откако во денешната осминафинална пресметка го совлада третиот носител на гренслем-турнирот, Александер Зверев и тоа ептен лесно со 3-0 во сетови (6-3, 7-6, 6-3).

Канаѓанецот со овој триумф му направи голема услуга на најдобриот во светот, Новак Ѓоковиќ, кој не игра зашто не е вакциниран поради што и беше депортиран од Австралија, бидејќи германскиот тенисер беше еден од двајцата кои со евентуален триумф ќе го „симнат“ од врвот на АТП-листата. Вториот е Данил Медведев, кој сѐ уште е во игра за еден таков подвиг.

Зверев го одигра најлошиот меч уште од ланскиот Вимблдон, каде што загуби во истата фаза од турнирот и тоа исто така од противник од Канада, Феликс Аугер. За Шаповалов, ова е само втор гренслем-триумф против ривал што е меѓу петте најдобри во светот во моментот, а дека тоа и не е некое изненадување говори фактот што тој е 14. носител на АО.

За пласман во полуфиналето, Шаповалов ќе ги одмери силите со Рафаел Надал, кој претходно утринава, во три сета лесно го совлада францускиот ветеран Адриан Манарино (7-6, 6-2, 6-2).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.