Македонските одбојкари остварија тешка победа над Босна и Херцеговина со 3:1 (27:25, 25:21, 3:25, 25:19) на почетокот на квалификацискиот турнир за настап на Европското првенство во септември годинава. Гостите влегоа подообро во натпреварот, „црвено-жолтите“ го немаа вистинскиот ритам, ниту пак енергијата од натпреварите со Белорусија и со Словенија од претходниот континетален самит, па во првиот сет противникот имаше предност од 15:8, но и покрај тоа не успеа да искористи три сет-топки.

Тешките оружја Александар Љафтов, Никола Ѓорѓиев и Владо Милев стапија на сцена, па откако селекторот Никола Матијашевиќ го промени техничарот Филип Деспотовски со Ѓорѓи Ѓорѓиев, македонскиот состав го спаси првиот сет и одигра полесно во вториот за предност од 2:0.

Знаев дека ќе биде тешко. Противникот беше непознат за нас, не изненади на почетокот и игравме тешко. Доколку сакаме да успееме да се квалификуваме, треба да подобриме многу елементи во нашата игра. Верувам дека против Турција ќе биде полесно, рече македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој беше најефикасен играч на мечот со 29 поени.

Примачите Љафтов и Милев освоија 15, односно 13 поени.

Но Босна и Херцеговина го имаше расположениот Ади Османовиќ со 22 поена и беше рамноправна во асовите и во блоковите, па заслужено го освои третиотсет.

Нашиот тим е млад со поддршка на неколку поискусни играчи, но сепак успеавме да и парираме на македонската репрезентација. Направивме многу грешки и резултатот можеше да биде поинаков доколку го рфешевме тој прблем, смета 25-годишниот Ади Османовиќ од тимот на Босна и Херцеговина.

Потоа, македонските играчи имаа речиси непогрешлив напад, го контрилираа резултатот и освоија плаинари три бода пред натпреварот со Турција в среда.

Утре, Босна и Херцеговина ќе игра со Турција која е фаворит за првото место во групата, а со тоа и за пласман на претстојниот евросамит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.