Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, го собори рекордот меѓу тенисерите постари од 30 години по бројот на недели поминати на врвот на АТП ранг-листата.

На Ѓоковиќ ова му е 69. недела на врвот каде што се искачи на 22. мај 2017 година, кога го прослави својот 30. роденден. Популарниот Ноле тогаш го симна од тронот Рафаел Надал, кој имаше 68 недели како број 1 на возраст од 30+ години. Андре Агаси е на третото место во клубот „30+“ со 33 недели на првото место, а Роџер Федерер помина само 25 недели на врвот по својот 30. роденден.

Српскиот тенисер помина вкупно 292 недели на врвот на АТП листата и поради големата предност во сегашниот поредок во однос на второпласираниот Надал и третопласираниот Доминик Тием, веројатно е дека на 8 март следната година ќе го сруши и рекордот на Федерер од 310 недели како светски рекет број еден.

Надал оваа недела остана без еден рекорд, но доби друг. Тој го тргна Американецот Џими Конорс од врвот на ранг-листата на тенисери кои постојано биле меѓу Топ 10 на светот. Конорс меѓу најдобрите 10 бил 788 недели по ред, а за Надал ова е 789. недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.