Премиерот на австралиската држава Викторија, Даниел Ендрјус, остана на ставот дека на невакцинираните тенисери не треба да им се дозволува влез во Австралија, откако премиерот Скот Морисон посочи дека тоа ќе им биде дозволено со карантин.

Морисон вчера објави дека на невакцинираните играчи ќе им биде дозволено да се натпреваруваат на Гренд слем Австралија опен, по двонеделен карантин поради ковид-19, под услов државата Викторија, која е домаќин на турнирот во Мелбурн, да побара таква дозвола за нив.

Сепак, Ендрјус рече дека неговата земја нема да поднесе такви барања, пренесува Ројтерс.

Поради секој вакциниран жител на Викторија кој ја направи вистинската работа, мојата влада нема да аплицира за изземање на невакцинирани играчи – им рече тој на новинарите.

Границите на Австралија се практично затворени 18 месеци поради пандемијата на Ковид-19, иако властите одобруваат ослободувања од патување за посебни случаи.

Викторија е најтешко погодената држава во Австралија, нејзиниот главен град Мелбурн беше затворен шест пати, а последниот карантин заврши во петокот, но само за целосно имунизирани возрасни лица.

На невакцинираните возрасни лица сè уште им е забранет пристап до пабови, ресторани, спортски настани и други јавни простори.

Од професионалните спортисти во Викторија се бара да се вакцинираат, а тоа важи и за тренерите, официјалните лица, медиумите и другиот персонал вклучен во елитните натпревари.

Австралискиот премиер Морисон вчера изјави дека невакцинираните тенисери мора да поминат во задолжителен двонеделен карантин поради пандемијата на коронарниот вирус, доколку сакаат да играат на Грен слем турнирот Австралија опен.

Истите правила важат за сите, без разлика дали станува збор за победник на Гренд слем, премиер, деловен патник, студент – или кој било друг – изјави Морисон за Seven News.

Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ одби да открие дали е вакциниран и минатата недела изјави дека можеби нема да игра на турнирот, бидејќи ситуацијата е „таква што е“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.