На тркачите од Русија или Белорусија нема да им биде дозволено да учествуваат на маратонот во Бостон на 18 април поради инвазијата на Украина, објавија организаторите.

Забраната се однесува на маратонците кои живеат во Русија или Белорусија, додека емигрантите од руско или белоруско потекло ќе можат да учествуваат на трката под услов да не ги носат боите на нивната земја на потекло, соопшти Атлетската федерација на Бостон.

Бостонскиот маратон, кој беше откажан во 2020 година, а потоа одржан во октомври 2021 година со помалку учесници од нормалното поради пандемијата Ковид-19, се враќа на вообичаениот распоред и формат оваа година.

Во соопштението не се наведува колку руски или белоруски спортисти се пријавени годинава. Во 2019 година, 59 од повеќе од 30.000 тркачи кои учествуваа на трката беа од Русија и Белорусија.

Русија е исфрлена од светските спортови откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари.

Фудбалските управни тела ФИФА и УЕФА ја суспендираа Русија од сите меѓународни натпреварувања, вклучително и Светското првенство, додека неколку организации како Формула 1 ги откажаа спортските настани закажани во Русија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.