По грчките реакции при настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското фудбалско првенство, сега на Грција им пречи македонскиот настап на Олимписките игри во Токио и историскиот успех на Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал.

Според пишувањата на тамошните медиуми, на Грците не им пречи тоа што Георгиевски освоил сребро, ама им пречи името Македонија. Се жалат за тоа зошто тренерот на влегувањето во рингот носел шал на кој пишува Македонија, потоа зошто Македонскиот Олимписки комитет (МОК) сѐ уште го користи тој термин, а реагираат и на развеаното знаме на Кутлеш од македонската олимписка делегација во Токио

Скопје и понатаму си ги користи симболите, а Грција е само пасивна и не реагира, а по ЕУРО 2020, сега имаме случаи на Олимписките игри, посебно после среброто на Дејан Георгиевски – пишуваат грчки медиуми.

Како што пишуваат медиумите, реакцијата доаѓа затоа што МОК на фејсбук-страницата е означена како Македонски олимписки комитет, но и затоа што ги повикале граѓаните да дојдат да го поздрават новиот херој на плоштадот „Македонија“ (?!).

Но, тоа не е сѐ. На Грците им пречи и начинот како една од најпознатите светски телевизии „Еуроспорт“, која е приватна компанија, го претставила Дејан Георгиевски – само од Македонија, без додавка на новото име со преспанскиот договор.

Засега нема грчка реакција за прославата и дочекот на македонскиот херој од ЛОИ, кога имаше десетици знамиња со сонцето од Кутлеш, но нема да биде изненадување, овој притисок од Грција брзо да добие „втор дел“ со тие слики од пречекот на аеродромот, како и пред Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.