Кина денеска призна дека омикрон, новиот сој на коронавирусот, може да донесе дополнителни потешкотии во организацијата на Зимските олимписки игри во Пекинг, но ја повтори својата верба во успехот на натпреварувањето.

„Тоа сигурно ќе донесе некои предизвици во борбата против пандемијата. Но, Кина има искуство во оваа област и целосно сум сигурен дека Зимските олимписки игри ќе поминат без проблеми и според планираното“, изјави на прес-конференцијата портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Жао Лиџијан.

Кина во голема мера ја контролираше епидемијата на своето тло благодарение на драконските мерки: многу строги ограничувања на меѓународните летови, задолжителен карантин по пристигнувањето, изолација на случаи на контакт идентификувани благодарение на апликациите за следење на патувањата.

Животот се врати во нормала пролетта минатата година, а земјата се уште се соочува со појава на мали, спорадични жаришта.

Игрите во Пекинг ќе се одржуваат во „балон“ од кој нема да можат да излезат околу 2.900 спортисти, а на трибините нема да има навивачи од странство.

Учесниците на Игрите ќе мора да бидат вакцинирани или ќе мора да поминат 21 ден во карантин по пристигнувањето во Пекинг. Сите ќе бидат подложени на секојдневни контролни тестови.

„Тестирањето пред поаѓање, политиката за вакцинација, строгиот „балон“ и проверката на лице место се елементите што ќе овозможат безбедно одржување на игрите“, изјавија од Меѓународниот олимписки комитет за АФП.

Од МОК наведуваат дека втората верзија на прирачникот, во која се обединети сите здравствени мерки, се очекува на почетокот на декември и дека препораките би можеле да се прилагодат на новонастанатата ситуација.

Кина пријавуваше само неколку десетици нови случаи на коронавирус на дневна основа во последните недели. Сојот омикрон сè уште не е потврден во таа земја, освен во Хонг Конг.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.