Забава во ноќен клуб во Гвангжу, во кој се славеше освоеното злато на американскиот женски ватерполо тим на Светското првенство во водени спортови, се претвори во трагедија. Во пад на галерија во локалот загинаа двајца Корејци и повредени се десетина странски државјани меѓу кои осум спортисти, сите репрезентативци на своите земји. Според полициски извори, тројца од нив се Американци, двајца од Нов Зеланд и по еден Холанѓанец, Бразилец и Италијанец. Сите се здобиле со полесни повреди, воглавно расекотини, и се надвор од животна опасност.

„Се беше нормално и во ред до моментот кога се што беше пред нас падна долу. Никој од нас не е повреден и минавме добро во таа смисла, но вознемирени сме. Направивме што можевме иако во тие први моменти и не можевме многу да сториме. Жртвите беа во безизлезна ситуација, ние по првичниот шок гледавме да се преброиме и да видиме дали сме сите тука“, рече Мет Смол, капитен на репрезентацијата на Нов Зеланд.

Се проценува дека во моментот на трагедијата во клубот имало околу 370 гости, голем број од нив учесници на Светското првенство во водени спортови.

„Страшна трагедија. Играчите од нашите машки и женски репрезентации ја прославуваа освоената титула на девојките кога галеријата во клубот се урна“, изјави Кристофер Ремзи, директор на американската ватерполо селекција.

Јужнокорејската полиција соопшти дека приведе еден од косопствениците на дискотеката и на информативен разговор повика уште тројца вработени во истрагата што треба да утврди дали галеријата во дискотеката е изградена без дозвола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.