Руските спортисти ја предложија народната песна „Каќуша“ како своја привремена химна на големите меѓународни натпреварувања до 2022 година, јави вечерва агенцијата ТАСС.

Имаше многу варијанти за нова химна, дури и некои модерни песни. Меѓутоа, ние со големо мнозинство се одлучивме за „Каќуша“, изјави легендарната руска репрезентативка во мечување, Софија Великаја.

Спортскиот арбитражен суд со седиште во Лозана (CAS) минатиот месец изрече забрана руските спортисти да користат државни обележја и интонирање на националната химна на големите меѓународни натпреварувања до 16 декември 2022 година, поради кршење на допинг регулативата.

„Каќуша“ е руска народна песна која стекна голема популарност меѓу руското население за време на Втората светска војна, а „Црвената армија“ го искористи истото име за легендарниот советски ракетен фрлач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.