Седумкратниот светски првак во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон (Мерцедес), триумфираше на трката за Големата награда на Велика Британија и покрај казната од 10 секунди поради инцидентот со Макс Верстапен (Ред Бул).

Трката почна со инцидент, откако Хамилтон веќе во првиот круг се судри со Верстапен во обид од надворешната страна да го мине возачот на Ред Бул, кој стартуваше од пол-позицијата.

Верстапен со голема брзина удри во заштитната ограда, по што беше пренесен во болница, а неговиот болид беше целосно уништен.

И покрај казната од 10 секунди, Хамилтон со фантастично возење ја презеде водечката позиција од Шарл Леклерк (Ферари) во 50. круг и мина прв низ целта на патеката во Силверстон за 99 победа во кариерата.

Третото место го освои Валтери Ботас (Мерцедес), додека возачите на Мекларен, Ландо Норис и Даниел Рикардо, го освоија четвртото и петтото место.

Британецот Хамилтон сега има осум победи во кариерата во Силверстон, откако претходно на домашната патека триумфираше и во 2008, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019 и 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.