Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, објави реакција откако австралискиот федерален суд не ја прифати неговата жалба против одлуката за укинување на австралиската виза.

Сега ќе направам пауза за да се одморам и да закрепнам, а дополнително ќе дадам коментари подоцна. Крајно сум разочаран од одлуката којашто значи дека нема да можам да останам во Австралија и да се натпреварувам на Австралија опен. Но, јас ја почитувам оваа одлука и ќе соработувам со властите за моето заминување од Австралија.

 

Засрамен сум што последните неколку недели целото внимание беше насочено кон мене и се надевам дека сега ќе можеме да се фокусираме на натпреварите и турнирот што го сакам. Би сакал да им посакам успешен турнир на играчите, натпреварувачките работници, волонтерите и навивачите ширум светот.

 

И, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, пријателите, тимот, навивачите и сонародниците за нивната постојана поддршка. Тоа ми даде многу сила – се вели во првичната реакција на Ѓоковиќ по одлуката за негова депортација од Австралија.

Федералниот суд на Австралија утрово одлучи да ја потврди одлуката за укинување на визата на светскиот рекет број еден и со тоа да му нареди да ја напушти земјата. Федералниот суд ја потврди претходната одлука на министерот за имиграција и културна разновидност на Австралија, Алекс Хоук, за одземање на визата на Србинот.

Сагата на најдобриот светски тенисер во Мелбурн почна на 5 јануари по пристигнувањето за да учествува на Австралија опен, кој почнува утре, 17 јануари. Австралиската гранична стража го приведе тенисерот на аеродромот и по сослушувањето ноќта на 6 јануари, му ја откажа визата на Србинот. Тогаш тенисерот требаше да биде депортиран, но судот ја укина оваа одлука по жалбата на спортистот на 10 јануари. Во меѓувреме Ѓоковиќ беше сместен во хотел за илегални мигранти.

Австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук на 14 јануари донесе лична одлука и објави дека визата на Ѓоковиќ е укината по втор пат. Како одговор, Србинот повторно се жалеше до Федералниот суд на Австралија.

Според австралиската влада, присуството на Ѓоковиќ во земјата е јавна закана, бидејќи наводно за многумина, особено за луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, тој бил икона и пример. Адвокатите на тенисерот уверуваат дека ваквата одлука е неиздржана и не е потврдена со докази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.