Најдобриот светски тенисер во моментов, Новак Ѓоковиќ, кој се подготвува за својот прв меч на „Ролан Гарос“ денеска беше непријатно изненаден, откако неговата редовна прес-конференција беше неочекувано прекината по само едно новинарско прашање.

По воведното обраќање, Србинот беше прашан за проблемите со пандемијата и можноста да биде дисквалификуван ако има позитивен тест на Ковид-19.

Стресот е стрес само доколку вие го сметате за таков. Јас решив да се ослободам од него. Се надевам дека ќе играм добро во Париз и нема да размислувам дали ќе бидам негативен на тестот. Ако се случи да бидам позитивен, тогаш тоа е што е. Навистина е тажно што некои тенисери на ваков начин се дисквалификувани од турнирите, поради тестовите – изјави меѓу другото Ѓоковиќ.

По овие, релативно контроверзни зборови и критика меѓу редови кон организаторот на гренслем-турнирот, претставникот на организаторот буквално го прекина вториот новинар среде поставување прашање и ја прогласи прес-конференцијата за завршена. Веднаш потоа, меѓу седмата сила, се појави теорија дека тоа била смислена цензура на Ѓоковиќ, кој отворено застана на страна на Вердаско и Џумхур, на кои не им беше дозволено да играат во Париз зошто имаа позитивен тест пред почетокот, за кој двајцата тврдеа дека е грешен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.