Расте револтот и разочараноста на младите и спортистите кон Агенцијата за млади и спорт. По реакцијата на најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе, кој јавно порача оти државата несоодветно ги распеделува финансиите, на социјалната мрежа „Фејсбук“ се јавија и информатичарите. Јован Крајевски вели оти државата со години дава поддршка за бадминтон со 260.000 евра за неполна деценија, а младите информатичари со години наназад мора сами или со спонзорства да си ги покријат патувањата за интернационални олимпијади и натпревари, објави Алфа.

Секоја година јас, моето семејство и останатите пласирани натпреварувачи одевме по пријатели и фирми да се мољакаме да ни го покријат патувањето. Ако не успеевме, некој друг ќе идеше наместо нас. Ова патешествие го поминуваат 4 средношколци секоја година. Уште 6 го поминуваат истото за олимпијадите по математика. Дополнително има и трошоци за балканијади по информатика и математика. А државата двои 260.000 евра за бадминтон во последните 9 години. И тоа сигурно не е перење пари, бидејќи бадминтонот цвета во Македонија и сите го следат, и е многу поважен од развојот на информатиката и математиката, се наведува во фејсбук статусот на Крајевски.

Гневен е и Стефановски, кој по првичната реакција оти за него и тимот Агенцијата не одвоила нуту денар, ги демантираше и информациите оти од годинава добил ваучер во износ од 500.000 денари, а лани од буџетот на АМС му биле доделени 8,5 милиони денари. Стефановски за Алфа вели, иако не сака, доколку Агенцијата нема интерес за него, може да се натпреварува и под друго знаме.

Освен фејсбук статусот оти Иџе со години добивал поддршка, од Агенцијата за млади и спорт молчат на сите новинарски прашања на Алфа.

Недостапен за коментари е и директорот на државната Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, кој преку смс порака информира дека во моментов не е во земјава.

Па остануваат неодговорени прашањата, дали и зошто за бадминтон се одвојуваат годишно, во просек околу 28.800 евра, и која е причината за одлуката, на Стефановски, спортист кој пред пет години истата Агенција го прогласи за најдобар, да не му се доделат парични средства за сезонава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.