Магомегаџи Нуров го донесе првиот златен медал за Македонија на Медитеранските игри што се одржуваат во Алжир, откако во драматично финале успеа да слави над турскиот борач Фејзулах Актурк со 4-3.

Борбата беше супер-интересна, Актурк поведе со 0-3, но токму тогаш Нуров ја покажа својата класа. Веднаш по краткиот одмор македонскиот репрезентативец намали на 2-3, а завршниот удар го зададе буквално во последните секунди, откако со одличен зафат успеа да се најде зад грбот на Турчинот, освојувајќи два бода за конечен триумф и златен медал.

За Нуров ова е втор златен медал на Медитеранските игри за Македонија, повторувајќи го успехот од 2018 година во Тарагона.

Ова е втор медал за македонските борачи во Алжир, откако неколку часа претходно Егоров освои бронза за нашата земја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.