Шесткратниот Грен слем шампион и поранешен тренер на Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер, ја коментираше можноста српскиот тенисер да не учествува на Австралија опен поради неговиот став за вакцинацијата против корона вирусот.

Не можам да замислам да го пропушти турнирот во Австралија. Премногу го сака спортот, премногу ја сака тениската историја. Тој сака да го освои својот 21. Грен слем, а Австралија опен е неговиот најдобар турнир од четири најголеми во светот. Го има освоено веќе девет пати, зошто да не го освои и 10-тиот? Тој вели дека вакцините се лична работа и јас го поддржувам. Но, ако сака да игра на турнејата, мора да ги следи правилата – изјави Бекер.

Настапот на првиот светски рекет на претстојниот грен-слем турнир во Австралија сè уште е неизвесен.

Ѓоковиќ речиси деценија ипол е владетел во Мелбурн, на кој за прв пат триумфираше во 2008 година, а вкупно го има освоено девет пати.

Организаторите на турнирот, што ќе се одржи од 17 до 30 јануари следната година, снимија два промотивни видеоматеријали во кои го нема српскиот тенисер.

Сите тенисери кои ќе настапат во Мелбурн, мора да бидат вакцинирани против корона вирусот, а Ѓоковиќ за цело време на пандемијата е критичар околу прашањето за задолжителното вакцинирање на тенисерите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.