Со неверојатни 62 постигнати поени на дуелот против Портланд, Стеф Кари потсети на своите најдобри денови кога две години беше прогласен за најдобар кошаркар во НБА лигата и го предводеше тимот на Голден Стејт вориорс што сруши бројни рекорди. Истовремено, Кари покажа дека целосно ја надминал скршеницата на раката поради која ја пропушти речиси целата ланска сезона и дека е подготвен да ги предводи „воините“ во борба за плејофот.

Кари од самиот почеток на мечот беше расположен за реализација, па така првите три четвртини ги заврши со 45 поени, поентерски рекорд сезонава и тоа со уште 12 минути за игра. Многу брзо во последниот период Кари го надмина и својот досегашен личен рекорд од 54 поени, а го заврши натпреварот со стил, кога во финишот постигна две неверојтани тројки и на тој начин стави точка на победата на неговата екипа со 137:122.

Да биде постигнувањето на Кари уште поголемо, тој до 62 поени стигна со прилично ефикасен настап, погодувајќи 18 од 31 шута (8 од 16 за три поени), како и 18 од 19 слободни фрлања. Се тоа за само 36 минути игра.

Кај Портланд одлични беа Дејмиан Лилард (32), СЏ Мекалум (28) и Енес Кантер (24), но тоа беше недоволно против рекордната вечер на Стеф Кари.

Резултати на синоќешните натпревари:

Голден Стејт – Портланд  137:122

Детроит – Бостон  120:122

Бруклин – Вашингтон  122:123

Мемфис – ЛА Лејкерс  94:108

Минесота – Денвер  109:124

Сан Антонио – Јута  109:130

Чикаго – Далас  118:108

Феникс – ЛА Клиперс  107:112

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.