На денешен ден пред 28 години, во сообраќајна несреќа загина еден од најголемите југословенски и европски кошаркари на сите времиња, Дражен Петровиќ.

„Кошаркарскиот Моцарт“ трагично го загуби животот на врвот на својата слава, на 29-годишна возраст, на автопатот Нирнберг-Минхен, во близина на Денкендорф, враќајќи се од Полска, каде играше за Хрватска против Словенија во квалификациите за Европското првенство.

Дражен е роден на 22 октомври 1964 година во Шибеник, а на само 15 години играше за првиот тим на Шибеник. Подоцна се пресели во Цибона, со која доминираше во Југославија и Европа (двапати европски шампион).

Потоа се пресели во Реал Мадрид, каде што настапуваше една сезона (1988-1989), пред да замине во најсилната лига во светот, НБА. Во САД прво нстапуваше за Портланд трејл блејзерс, а подоцна и за Њу Џерси нетс, каде што доби признание за еден од најдобрите шутери во лигата и целосно го смени имиџот на европските играчи.

За репрезентацијата на Југославија дебитираше на Олимписките игри во Лос Анџелес, каде што освои бронза.

Истиот медал и МВП-награда ги освои на Светското првенство во Шпанија во 1986 година, како и на Европското првенство во Грција во 1987 година.

Освои сребро на Олимписките игри во Сеул, а најголемиот успех го постигна на Европското првенство во Загреб во 1989 година и на СП следната година во Аргентина, каде што со репрезентацијата на Југославија освои златни медали, како и титулите МВП и најдобар стрелец.

По распадот на СФРЈ, Петровиќ ја предводеше Хрватска до сребро на Олимписките игри во Барселона во 1992 година и славното финале со оригиналниот американски „Дрим-тим“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.