Актуелниот шампион во НБА лигата, Лос Анџелес лејкерс, победи против Феникс со 109:95 со што дојде до предност од 2:1 во победи во првата рунда од плејофот.

Ова беше прва победа на „езерџиите“ на домашен терен по осум години, со оглед на тоа што минатогодишниот плејоф се одигра во „меур“ во Флорида поради пандемијата.

Тимот од ЛА беше предводен од Ентони Дејвис, кој реализира 32 поени и 11 скокови. Леброн Џејмс постигна 21, а Денис Шродер 20 поени.

Кај Феникс најефикасен беше Деандре Ејтон со 22 поени и 11 скокови, додека Девин Букер реализира 19 поени. Крис Пол се уште имаше проблеми со повредата на рамото добиена во првиот плејоф натпревар и мечот го заврши со само седум поени и ест асистенции.

Во другиот натпревар во Западната конференција, Денвер го совлада Портланд на гости со 120:115 за водство од 2:1 во победи.

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ имаше блескава вечер и со 36 поени беше најзаслужен за триумфот на Денвер, додека кај Портланд најдобар беше Дејмиан Лилард со 37 поени.

Милвоки го совлада Мајами на гостински терен со 113:84 и стигна на чекор до полуфинале во плејофот во Источната конференција. Ниту еден тим во историјата во НБА лигата не испуштил предност од 3:0 во разигрувањето.

Шестмина кај Милвоки постигнаа двоцифрен број поени, предводени од Крис Мидлтон со 22, додека кај Мајами само тројца имаа над 10 поени, најмногу Џими Батлер, кој мечот го заврши со 19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.