Поранешниот кошаркар Чарлс Томас, кој настапуваше во екипата на Барселона во периодот меѓу 1970 и 1975 година, се појави 40 години откако беше прогласен за мртов.

По завршувањето на кариерата Томас имал неколку тешки години во кои станал зависник од дрога и се разделил со сопругата. Во тој период се верувало дека тој имал насилна смрт, но неговиот соиграч од Барселона, Норман Кармајкл, открива дека Томас се уште е жив и дека разговар со него преку видеоповик. Како што вели Кармајкл, 74-годишниот Томас се наоѓа во геријатриска установа во градот Амариљо во Тексас.

Чарлс Томас (Број 13) во дресот на Барселона

Како што раскажува Кармајкл за шпанските медиуми, пред неколку дена добил повик од некоја жена којашто тврдела дека Томас сака да зборува со него. Тој помислил дека станува збор за несоодветна шега, затоа што мислел дека Томас е мртво, но прифатил да разговара со него. Како што вели, останал вкочанет кога видел дека тоа навистина е Томас.

Останав без зборови во моментот кога го видов неговото лице на видеоповикот. Го препознав по неговата насмевка и начинот на кој зборуваше. Зборуваше со голема смиреност и во ниту еден момент не се обиде да ме убедува дека тоа насвистина е тој. Само сакаше да зборува со мене – вели Кармајкл.

Кариера исполнета со легенди

Томас е еден од првите Американци што настапувале за Барселона и кошаркар со одлични физички способности. Иако висок само 201 сантиметри, тој важи за еден од првите забивачи во шпанската кошарка. Неговата кариера е полна со легенди.

Една легенда вели дека за време на еден тренинг ставил банкнота на врвот на таблата и успеал со скок да ја дофати. Друга, пак, вели дека Барселона се одлучила да го ангажира него наместо Лу Алсиндор, кој подоцна си го промени името во Карим Абдул Џабар, затоа што Томас побарал двојно помала плата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.