На 78-годишна возраст почина прославениот хрватески кошаркар и тренер, Петар Сканси.

Поранешниот селектор на хрватската кошаркарска репрезентација ќе остане запаметен како предводник на селекцијата што го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Барселона во 1992 година.

Сканси е роден 1943 година во Сумартин, а со кошарка почнал да се занимава во Југопластика, каде останал до 1972 година, кога заминува во Пезаро.

Во Италија остана една сезона и се врати во Југопластика како играч-тренер од 1973 до 1976 година. Потоа водеше неколку италијански клубови (Скаволини, Венеција, Рома, Бенетон, Болоња), грчки ПАОК, Сплит и Крк.

Како играч ја освои титулата шампион на Југославија со Сплит во 1971 година, а ФИБА, во 1991 година го избра меѓу 50-те најдобри кошаркари на сите времиња.

Со репрезентацијата на поранешна Југославија освои сребро на Олимписките игри во 1968 година во Мексико сити, злато на Светското првенство во Југославија 1970 година, сребро на Светското првенство во Мексико 1967 година и сребро на ЕП 1965 година во СССР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.