Македонската женска ракометна репрезентација триумфираше вечерва убедливo над Литванија со 31:21 (15:12) и на едно до крајот на квалификацискиот турнир во Скопје речиси го обезбеди настапот во плеј-офот за пласман на Светското првенство што во декември ќе се одржи во Шпанија.

По вчерашниот триумф над Исланд со 24:17, избраничките на селекторот Симе Симовски одиграа уште еден супериорен натпревар во кој целосно доминираа над противникот.

Сара Ристовска со осум голови повторно беше најефикасна во македонската репрезентација, додека голманскиот тандем Серафимова – Мицевска запишаа по шест одбрани.

Квалификацискиот турнир во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, македонските ракометарки ќе го заокружат в недела со натпреварот против Грција, во обид со максимални три победи да ја дочекаат жрепката за мундијалскиот бараж в понедлник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.