Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Стојан Ѓуроски, кој во моментов настапува за тимот на Пелистер, е еден од повредените во тепачката што се случи вчера на скијачките терени во Маврово.

Тој уживал во убавото време и снегот на патеките, заедно со својот брат Младен и со уште двајца пријатели, кои, според очевидци, влегле во вербален дуел со четворица гости од Косово на возраст од 14-30 години, кои не го почитувале редот на ски-лифтот Галички. Браќата Ѓуроски и нивните пријатели, неофицијално, потоа биле нападнати од косовските гости, по што дошло до тепачка во која се користеле и скијачки реквизити.

„Непочитување на редот пред ски-лифтот од страна на лицата од Косово беше причината за инцидентот. Еден гостиварец реагира на ова непочитување, по што настана вербална расправија, која прерасна во масовна тепачка, потоа се вмеша и братот од гостиварецот, а потоа уште неколку лица. Не се знаеше кој кого и со што удира. Се тепаа и со скијачки кондури се удираа. Се користеа скии, стапови за скијање и друго. Вакви кавги и тепачки се честа појава на скијачкиот центар Маврово, пред се поради непочитување на редот“, изјави очевидец за порталот ММС.

Според очевици, Стојан Ѓуроски бил удрен со скија по раката, која му била повредена, поради што морал да биде пренесен на лекар, прво во гостиварската болница, а потоа и во скопскиот клинички центар. Инцидентот го потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи.

„Полициски службеници од ОВР Гостивар вчера околу 18.15 часот ги лишиле од слобода: Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29), Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка, која околу 14:50 часот се случила на ски-терените на Бистра во Маврово. Две лица се здобиле со тешки телесни повреди, кои им биле констатирани во гостиварската Општа болница ‘Ферид Мурад’, каде во меѓувреме биле пренесени за укажување на лекарска помош. Од таму биле префрлени во комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Сите инволвирани се задржани во полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот“, се вели во соопштението од МВР.

Кошаркарот на Пелистер сега се чувствувал добро, повредата му е санирана, но засега не е познато колку време ќе отсуствува од кошаркарскиот терен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.