Трикратниот европски клупски шампион и еден од најдобите македонски кошаркари, Перо Антиќ, летово и официјално ќе се прости со кошарката и тоа, како што самиот најави, со спектакуларен натпревар за збогум на кој ќе присуствува европскиот и светски играчки и тренерски крем.

Во синоќешното интервју на „Антена 5“ радио, поранешниот репрезентативец откри дека на овој настан ќе присуствува и словенечката НБА-сензација, Лука Дончиќ, неговиот соиграч од Атланта хокс, Ал Хорфорд, како и најголем дел од тренерските имиња со кои работел, меѓу кои дефинитивно ќе биде и легендарниот Жељко Обрадовиќ.

Не сакам премногу да откривам за овој настан, но уште сега може да потврдам дека Дончиќ и Хорфорд сигурно ќе дојдат, заедно со многу други поранешни соиграчи кои се имиња во европската кошарка. Во Скопје ќе бидат и тренерите со чија заслуга направив тоа што направив во кариерата, изјави Антиќ.

Еден од најзаслужните за историскиот успех на Македонија на ЕП во Литванија во 2011 година, каде што завршивме на четвртото место, во неколку наврати во завиена форма ја потврди можноста актуелната сезона да ја доврши во Работнички.

Луѓето чие мислење многу го ценам ми имаат кажано дека играчката приказна треба да се заврши таму каде што е почната и се согласувам со тоа. Можноста за враќање во Работнички првпат се спомена со претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, со кого имам огромен меѓусебно респектирање, а истото го сака и сегашниот прв човек, Саша Богдановиќ, со кого исто така има одлично односи. Засега нема што конкретно да се каже, бидејќи треба да се исполнат некои услови. Ќе видиме што ќе излезе од сето тоа, објаснува тројниот европски шампион.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.